До 5, односно до 7 јуни трае аплицирањето за финансиска поддршка за исплата на плата за месец мај 2020 година, за субвенционирање на 50% од придонесите и за финансиска поддршка на самостојните вршители на дејност, соопшти Владата.
Од вчера до 7 јуни работодавачите може да поднесуваат барања за финансиска поддршка за исплата на плата за месец мај 2020 година, односно до 5 јуни барања за субвенционирање на 50% од придонеси од задолжително социјално осигурување и барање за финансиска поддршка на самостојните вршители на дејност.
Во месецот што измина Управата за јавни приходи прими, провери и обработи вкупно 23.861 барања за финансиска поддршка за исплата на плата на повеќе од 120 илјади вработени. Мал број барања се сè уште во постапка на проверување и обработување.
Од Владата соопштија дека мерката финансиска поддршка за исплата на плати за месец април ја искористиле 19.350 компании за 127.426 вработени лица.
Комбинација на мерката финансиска поддршка за исплата на плата и мерката субвенционирање на 50% од придонесите од задолжително осигурување ја искористиле 1.427 компании со 10.668 вработени, од кои 516 од дејноста транспорт, 724 од угостителство и 187 од туризам.
Само мерката субвенционирање на 50% од придонесите од задолжително социјално осигурување ја искористиле 1.680 компании, а опфатени се 12.011 вработени лица.
Мерката финансиска поддршка на физичко лице кое врши самостојна дејност е искористена од страна на 5.187 самовработени лица. По оваа мерка на физичките лица кои вршат самостојна дејност одобрен им е и исплатен вкупен износ од 75.211.500 денари.
Користењето на финансиската поддршка од страна на работодавачите по региони како што ги администрира УЈП: Скопје 5.787, Штипско 3.310, Тетовско 3.591, Струмичко 1.372, Битолско 3.252, Прилепско 2.038.
Управата за јавни приходи за економските мерки кои ги спроведува отвори посебна електронска пошта finansiska.poddrska@ujp.gov.mk каде граѓаните, работодавачите, сметководителите и други заинтересирани страни добиваа одговори околу начинот на поднесување на самите барањата, статусот на барањето, исправање на грешки внесени во барањата и сл.